Дописници Изложба на фотографии на тема „Победата над фашизмот“

Изложба на фотографии на тема „Победата над фашизмот“

Денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше отворена изложбата „Победата над фашизмот“, по повод Денот на победата над фашизмот, 9 Мај.

– Преку 30 фотографии е претставен денот на ослободувањето на различни градови низ Европа, во кои учествувала и руската армија. Ова е еден наш придонес во севкупното одбележување и манифестаците кои се одвиваат во Македонија и во светот по повод овој значаен историски датум – рече на отворањето почесниот конзул на Руската Федерација, Велимир Стојковски.

Првиот секретар во Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, Александар Алексеев, рече дека експонатите, фотографирани во време кога не постоела современа технологија, се реален израз на луѓето кои со голема радост ја дочекале слободата.

– А, за оние кои се подготвуваат или имаат намера да го реинкарнираат фашизмот, ова треба да биде знак и јасен сигнал каков крај ќе го дочека таквиот обид да се внесе хаос и немир во светот – подвлече Алексеев.

Организатори на изложбата се Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид и Општина Охрид.