Економија Изгласани новите законски измени: каматите нема да можат да бидат повисоки од...

Изгласани новите законски измени: каматите нема да можат да бидат повисоки од долгот

За измените во Законот за облигациони односи и Законот за извршување не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица

фото: Порталб

Пратениците од параламентарното мнозинство денеска ги усвоија законските измени со кои каматата нема да може да биде поголема од долгот.

Станува збор за измени во Законот за облигациони односи и Законот за извршување со кои дополнително, се скратува и рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката.

На овој начин драстично се намалуват вкупните трошоци за брзи кредити, кои не можат да бидат поголеми од 60 отсто од кредитот, а се става крај и на праксата со која за брз кредит од 10.000 денари граѓаните враќаа и по 70.000 денари.

„Конечно ја прекинуваме праксата граѓаните да плаќаат 10 пати поголем износ отколку што навистина должеле. За жал пратениците од ДПМНЕ и Левица не гласаа за овие законски измени со што уште еднаш ја покажаа својата незаинтересираност за потребите на граѓаните“, објави СДСМ.

Овие законски измени ќе важат и за постапките за извршување кои се во тек.

Измените ги бараше Народниот правобранител во последниве години, а до Собранието ги поднесе СДСМ, односно пратеникот Јован Митрески.

Освен тоа, сегашните законски решенија од 10 години застареност им даваше можност на извршителите да манипулираат со извршувањето и да го одолговлекуваат, а граѓанинот должник да биде принуден на крајот да плати висока сума за камата. Со законските измени, тој рок за застареност се скратува на 5 години.