Македонија Изборот на претседател на Судскиот совет одложен за утре

Изборот на претседател на Судскиот совет одложен за утре

Ниту еден од предложените кандидати за нов претседател на Судскиот совет не го доби потребното мнозинство од членовите на Советот на денешното гласање, поради што седницата за избор на претседател е одложена за утре во 10.30 часот.

Како што пренесува „Академик“, двајцата предложени кандидати, Зоран Караџоски и Лидија Каначковиќ, добиле идентичен број гласови, по шест, а едно ливче било неважечко.

Караџоски е кандидат на предлог на Влатко Самарџиски, додека Каначковиќ е предлог на претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Мандатот на актуелниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски, му истече на 21 април.

Тој беше избран за член на Советот на 21 април 2010 година со мандат од шест години, а стана претседател на 13 март минатата година.

Претседателот на Судскиот совет се избира од редот на членовите на Советот со мнозинство гласови од членовите со право на глас, со тајно гласање. Мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор.