Главна секција Иванов: ЕУ ѝ го попречува просперитетот на Македонија ставајќи ја во статус...

Иванов: ЕУ ѝ го попречува просперитетот на Македонија ставајќи ја во статус кво

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во Брисел се сретна со заменик-претседателот на владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија, Дидие Реиндерс.

Иванов и Реиндерс размениле мислења за севкупните билатерални односи, при што било констатирано дека двете земји имаат пријателски односи, со заемни заложби за нивно постојано унапредување.

Претседателот Иванов изразил благодарност за принципиелната поддршка што Кралството Белгија ја дава за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО и посочил на потребата тие што поскоро да се деблокираат.

– Со состојбата статус кво, на Македонија ѝ е попречено правото на просперитет. Европската Унија треба да преземе итни чекори и да го одблокира интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен. Како земја, потребна ни е трансформирачката моќ на интегративниот процес – рече претседателот Иванов.

На средбата Реиндерс изразил поддршка на заложбите на Македонија за отворање на пристапните преговори за членство во Европската Унија.