Главниот и одговорен уредник на косовскиот портал „Инсајдери“, Вехби Кајтази, бил нападнат денеска во центарот на Приштина. Тој добил тупаници в лице и по нападот побарал лекарска помош.
Кајтази вели дека знае кој го нападнал и дека мотивот е тоа што го пишувал, но поради полициската истрага не смее да го открива идентитетот.
– Знам кој ме нападна и овој случај е поврзан со мојата работа, односно со моите текстови. Очекувам Обвинителството и полицијата да го расчистат случајот – вели Кајтази.
Според косовската полиција, нападот на Кајтази го извршиле повеќе лица денеска во 14.30 часот, на улицата Укшин Хоти во Приштина.
Порталот „Инсајдер“ е познат по истражувачките текстови и по откривање многубројни афери во косовските институции.
Пред два месеца во Приштина бил нападнат и директорот на „Инсајдери“, Парим Олури.