Ctrl - Z ОБРАЗОВАНИЕ Иницијативата за референдум против дигиталните учебници не била уредно поднесена

Иницијативата за референдум против дигиталните учебници не била уредно поднесена

Фото: Glenn Carstens Peters, Unsplash

Неуредно е поднесена иницијативата за распишување референдум на „Учебници и настава мора да има“ во врска со дигитализацијата на учебниците, што беше доставена завчера до Собранието. Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска оцени дека иницијативата не е поднесена во форма предвидена во членовите 66 и 70 од Законот за референдум. Овој заклучок на Комисијата, ќе му биде доставен на претседателот на Собранието, а иницијаторите можат повторно да поднесат барање во Законодавниот дом.

Според пратеничката Соња Мираковска, претседателка на оваа Комисија, потписите не биле собрани пред овластена институција, подрачни единици на Министерството за правда, во текот на работното и со печат од институцијата.

„Тоа е процедурата и на таков начин треба да се соберат 100 потписи. Кога ќе биде уредна иницијативата, треба да се достави во Собранието и во рок од два дена Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија, треба да донесат одлука за уредноста. Ако е уредно поднесена, постапката продолжува понатаму и двете комисии упатуваат извештај до претседателот на Собранието“, изјави Мираковска, која додаде дека потоа иницијативата треба да се потврди со 10.000 потписи по што треба да се распише референдум на државно ниво.

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ со овластениот претставник Драгана Спасевски доставила иницијатива за референдум со околу 500 потписи.

Тие бараат можност за референдумско изјаснување во врска со најавениот процес на дигитализација во образованието, односно  изјаснување на граѓаните околу Предлог-законот за дигитализирање на учебниците во основните и средните училиштата.