Свет Свет Индија: Уапсен лекарот кој со стерилизација усмрти 13 жени

Индија: Уапсен лекарот кој со стерилизација усмрти 13 жени

Болница во Индија

Индиската полиција го уапси лекарот кој при масовна стерилизација усмрти 13 жени.

Како што соопшти полицијата, осомничениот лекар за неколку часа извршил 83 операции во државен здравствен камп во Биласпур, индиската држава Чатисгар. Според првичната истрага, инструментите со кои ги вршел операциите, наводно, не биле дезинфицирани поради што предизвикал инфекции кај починатите.

Лекарот Р.К. Гупта ги отфрли обвиненијата, додавајќи дека бил под притисок на државата да ги исполни наложените цели.

– Операциите минаа добро, но проблемот е со лекарствата што се дадени на жените – изјави лекарот за локалните медиуми.

Стерилизацијата е еден од најпопуларните методи за планирање на семејството во Индија, а многу локални власти организираат кампови во кои се врши бесплатна масовна стерилизација на сиромашните жени.

Локалните власти во Индија, за да го одржат под контрола преголемиот наталитет, често нудат разни привилегии, како што се автомобили или електрични уреди, на двојки кои доброволно ќе се стерилизираат.