Визуелизации Индекс на перцепција на корупцијата: Кривичниот законик ја сопна Македонија

Индекс на перцепција на корупцијата: Кривичниот законик ја сопна Македонија [инфографик]

Земјата напредувала две места во споредба со извештајот за 2022 година. Сепак, и покрај напредокот, државата во најновиот извештај на Транспаренси Интернешнл е означена како земја со сериозни проблеми со корупцијата

Фото: Порталб

Северна Македонија е на 76. место со 42 поени од 180 држави според најновиот Индекс за перцепција на корупцијата. Земјата напредувала две места во споредба со извештајот за 2022 година.

Сепак, и покрај напредокот, државата во најновиот извештај е означена како земја со сериозни проблеми со корупцијата.

Во Извештајот се нотирани измените во Кривичниот законик, како главна забелешка, а додадени се и „политички мотивираните назначувања и разрешувања на судии“.

„Само што почнаа да се појавуваат некои мали знаци на напредок, судството во Северна Македонија беше значително оштетено со недемократски направени измени на Кривичниот законик“, се вели во извештајот.

Фото: Принтскрин, Индекс на корупција 2023

„Одлуката за намалување на казните за злоупотреба на службената положба за лична корист и скратените рокови за покренување судска постапка за сомнежи за корупција направија голема услуга за корумпираните: се проценува дека околу 200 случаи ќе застарат, вклучително и оние против поранешни високи службеници. Политички мотивираните назначувања и отпуштања на судски службеници предизвикуваат дополнителна загриженост за способноста на судството ефикасна борба против корупцијата“.

Земјава и понатаму е во друштво на Унгарија, Молдавија,Тринидад и Тобаго и Буркина Фасо. Од регионот, подобро рангирани од Македонија се Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Бугарија, додека Косово, Албанија, Србија и БиХ се со послаби резултати во борбата против корупцијата.

Глобалниот просек е заглавен на само 43 поени, додека големо мнозинство држави не постигнале напредок или пак доживеале пад.

„Глобалниот тренд на слабеење на правосудните системи ја намалува одговорноста за јавните службеници, што овозможува корупцијата да напредува“, се вели во извештајот на Транспаренси интернешнл, и се додава дека авторитарните и демократските лидери ја поткопуваат правдата.

Проценките се дека корупцијата ќе продолжи да напредува сè додека правосудните системи не можат да спроведуваат казнени мерки и да ги држат владите под контрола.

„Лидерите треба целосно да инвестираат и да ја гарантираат независноста на институциите надлежни да се справуваат со корупцијата“, се вели во анализата.