Свет Балкан „Илинден“ ја поздрави одлуката на партијата на Македонците да не коалицира со...

„Илинден“ ја поздрави одлуката на партијата на Македонците да не коалицира со Рама

– Македонската алијанса за европско интеграција (МАЕИ), која е политички репрезент на етничките Македонци во Албанија, донесе правилна одлука во вистинско време, за коалицирање со партијата на Илир Мета – вели во изјава за „Мета“, претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.

Македонскиот политички фактор во Албанија одбива соработка со Еди Рама и со неговата Социјалистичка партија, поради национализмот и навредувачкиот однос кон Република Македонија, објаснува Ѓурѓај. Причина плус да му свртат грб на Рама е и тоа што Социјалистичката партија не го одржала ветеното, дека нема да згаснат општините со припадници на малцинствата, па ги „избриша“ општините во Голо Брдо и во Гора.

– Со тоа направија чекор назад во однос на правата и на еднаквоста, така што Македонците во Албанија се разочарани од односот на оваа партија – појаснува претседателот на Македонското друштво „Илинден“.

Ѓурѓај додава дека МАЕИ и „Илинден“ веќе и официјално го поздравиле изборот на Илир Мета за претседател на Република Албанија и дека ќе соработуваат со неговата партија Движење за социјалистичка интеграција (ДСИ), која привремено ја води Петрит Васили.

– Движењето за социјалистичка интеграција на дело има покажано дека не е партија со националистичка реторика. МАЕИ, како партија на Македонците во Република Албанија, треба да коалицира со ДСИ бидеќи Социјалистичката партија на Еди Рама навлезе во националистички реторики и во навредувачки однос за нас Маедонците во Албанија, како и за нашата матична татковина, Република Македонија – додава Ѓурѓај.