Главна секција ИКГ: Македонија во групата на земји каде состојбата се влошува

ИКГ: Македонија во групата на земји каде состојбата се влошува

На својата најнова листа, Интернационалната кризна група (ИКГ) ја стави Македонија во групата на земји каде состојбата се влошува. Македонија е во друштво со Авганистан, Бангладеш, Гамбија, Ирак, Нагорно-Карабах (Азербејџан), Република Конго и со Сирија, земји кои постојано се на раб на некаков конфликт.

Според ИКГ, политичката криза во Македонија е влошена, што предизвика масовна домашна и меѓународна критика и повеќедневни протести. Се посочуваат настаните во текот на април, од најавата на СДСМ дека ќе ги бојкотира изборите на 5 јуни затоа што не се исполнети реформите на медиумите и прочистувањето на изборниот список, аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов на политичари под кривична истрага за криминал произлезен од аферата со прислушувањето, попречување на работата на Специјалното обвинителство, протестите, смртта на сведокот на СЈО, Коста Крпач, кој беше најден дома застрелан во гради на 27 април, па сè до последниот извештај  на „Фридом хаус“, според кој Македонија е оквалификувана како „неслободна земја“ во врска со слободата на медиумите.

Меѓународната кризна група најновиот список на кризни жаришта го објави вчера, на својата веб-страница.

ИКГ е влијателна независна, непрофитна, невладина организација посветена на решавање смртоносни конфликти, со екипи на пет континенти.

Меѓународната кризна група има канцеларии во Брисел, Вашингтон, Њујорк и во Пекинг и има пристап и влијание врз највисоките нивоа на владите на САД и на ЕУ, како и во ОН, ЕУ и во НАТО.