Македонија И пругата и автопатот кон Албанија причини за „голема загриженост“ на УНЕСКО...

И пругата и автопатот кон Албанија причини за „голема загриженост“ на УНЕСКО за Охрид

Трасите на двата клучни инфраструктурни проекти за пругата кон Албанија и за автопатот Требеништа – Охрид значајно придонеле за давање на препораката од УНЕСКО за впишување на Охрид на листата на загрозено светско наследство. Изготвениот извештај треба да биде разгледан на 43. Сесија на Комитетот за светско културно наследство што ќе се одржи кон крајот на јуни во Баку, Азербејџан.

Комисијата што го изготвила нацрт – извештајот со голема загриженост посочува дека државата одлучила по постојната траса да продолжи изградбата на пругата од Кичево до Лин. Во извештајот се посочува на конкретен предлог од УНЕСКО за изградба на алтернативен тунел меѓу Струга и Прењас, со кој ќе се избегне постојната траса што минува долж крајбрежјето на Охридското езеро, во правец од Струга преку Радожда кон Лин. Наспроти ваквиот став на УНЕСКО, македонската држава одговорила дека сегашната траса на пругата е соодветна. Како одговор на предлогот на УНЕСКО, државните власти посочиле дека тој би можел да се земе предвид единствено доколку Албанија определи нова точка на железничко поврзување со нашата земја. Од албанска страна, трасата на пругата во моментов минува долж Охридското езеро од Подградец до Лин.

Без конкретен предлог, но со идентична загриженост од УНЕСКО реагираат и на трасата на автопатот Требеништа – Струга од паневропскиот Коридор 8. Како што пишува „Вистиномер“, изградбата на автопатот долг 7 километри веќе беше сопрена од државните власти во јануари 2018 година. Тогашниот став на Министерството за транспорт и врски беше дека ќе мора повторно да се испита влијанието на овој автопат врз животната средина.

Македонската држава на препораките од УНЕСКО одговорила со експертско мислење со кое се поддржува досегашната планирана траса на автопатот. И покрај ваквиот став што ги поткрепува досегашните документи изработени за влијанието врз животната средина, од УНЕСКО сметаат дека тие несоодветно одговараат на потенцијалните негативни ризици од проектот што можат да влијаат на биодиверзитетот на Охридското езеро.

УНЕСКО двата капитални проекти ги оценува како потенцијална опасност за извонредно значајната универзална вредност на Охридското езеро. Од УНЕСКО бараат државата под итно да пронајде оптимални решенија за пругата кон Албанија и за автопатот Требеништа – Струга што нема да предизвикаат значително негативно влијание врз езерото.