Економија И граѓаните и бизнисмените разочарани од рокот за изградба на автопатот Скопје...

И граѓаните и бизнисмените разочарани од рокот за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Најавата за изградба на автопатот Скопје – Блаце во две фази и за период од 54 месеци, предизвика бројни реакции во јавноста. Граѓани иронично коментираат дека автопатот побрзо би се изградил со копач и со лопата, додека претприемачите велат дека долгиот рок ќе им ја намали добивката и ќе ги зголеми трошоците, пишува Порталб.мк.

Во моментот на објавувањето на веста, граѓаните жестоко и со неверување реагираа на социјалните мрежи за долгиот временски рок.

– Срамота, срамота! 12 километри за пет години! Со копач и лопата ќе се направи побргу. Кој ја донесе таа одлука? Крадци, хохштаплери – вели С.И.

-Овој пат, како што знаеме, во западните земји би се реализирал за максимум две години, но навикнавме со нивните лаги – вели друг граѓанин.

-Подобро да не го изградите воопшто, дотогаш ќе патуваме со дронови – вели уште еден критичар.

Членот на Здружението на бизнимени на индустриската зона Визбегово, Нухи Алиу смета дека рокот од 54 месеци за изградба на автопатот Скопје – Блаце е многу долг, бидејќи патот од граничниот премин Блаце до Скопје не е планински, како што е патот Хани Елезит – Качаник, а и кај нас нема планински клисури.

– Не знам зошто ќе трае толку долго. Тука нема ни 12 километри пат. Тоа не е пат што е во планински области, со многу пречки, како што е патот Хани Елезит – Качаник. Мислам дека не треба да има толку долго инвестирање, бидејќи теренот е посоодветен – вели Алиу.

Директорот на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), Дрилон Исени исто така смета  дека работите за изградба на автопатот Скопје-Блаце треба да се одвиваат побргу.

-Нашите очекувања беа дека изградбата на овој сегмент ќе се одвива со многу побрза динамика. 54 месеци е, секако, многу долго време за бизнисот, затоа и доаѓа нашето барање да се ревидира временскиот рок, да се постави во приоритетните инфраструктурни проекти и овој временски рок значително да се скрати за да немаме предолги процеси, како што е случај  со другите патишта – вели Исени.

Одолговлекувањето на работите и според претприемачот Алиу, ќе го намали профитот на фирмите во економската зона Визбегово. Исени, пак, нагласува и дека изградбата на автопатот ќе го забави протокот на стока меѓу Македонија и Косово.

– Како резултат на тоа, компаниите што имаат трговски промет со Косово сигурно ќе имаат потешкотии во транспортот или забавување на движењето, и секако ваквото забавувањето значи зголемување на трошоците и пречка за работата на компаниите – додаде Исени.

На 11 јануари во Секретаријатот за европски прашања беа направени првите чекори за изградбата на автопатот.

Тој ќе биде долг 12,5 километри со четири тунела и 8 мостови, а ќе се реализира во две фази. Беше најавено и поставување на рампи за патарина. Автопатот ќе чини 110 милиони евра.