Македонија Хронично болните лица до 23 септември треба да извадат потврда за да...

Хронично болните лица до 23 септември треба да извадат потврда за да не се вратат на работа

Архивска фотографија Ж Фото: Арбнора Мемети

Хронично болните имаат рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој Термин и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање. Ова е епилогот од денешната средба на министерот за здравство Венко Филипче со претставниците на здруженијата на пациенти.

На средбата, здруженијата ги изнеле своите предлози за доследно спроведување на одлуката на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, хронично болните да се вратат на работа, а притоа да не се прават злоупотреби на системот, информираат од Министерството за здравство.

– Станува збор за широка категорија и идеата е да ја сведеме на поткатегории со цел да не се злоупотребува системот и да биде фер за сите, односно оние кои треба да се дома и кои се навистина во ризик, да останат дома. Реален проблем е тоа што бевме сведоци на злоупотреби – истакнува Филипче.

Тој појасни дека иницијалната идеја била да им се дозволи на пациентите да може да направат преглед согласно оваа нова стратегија, со цел да се утврди кој навистина треба да седи дома заради комплексноста на одредена хронична болест или заради тоа што во даден момент има влошување на сотојбата.

– Тоа да го утврди лекар специјалист, а не согласно претходно поставена дијагноза за хронична болест. Пациентот може да извади соодветна потврда или уверение од специјалист и на тој начин да биде ослободен од работа – појаснува Филипче.

Филипче нагласува дека нема простор за паника бидејќи мерката е димензионирана за да ги заштити ризичните пациенти.

– Дозволете јасно да кажам за да се расчистат дилемите, и секако да спласне паниката, затоа што нема простор за паника, ниту за незадоволство. Оваа мерка е димензионирана, така да го заштити здравјето на оваа критична ризична категорија на граѓани. Најпрво со измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување ќе се дозволи лекарот специјалист да даде потврда и за отсуство од работа на неопределено време или за одредено време, многу подолго, отколку што досега беше дозволено, без притоа да има контролни прегледи, праќање на комисии, дополнителни испитувања – истакнува Филипче.