Свет Балкан Хаос во Атина: 211 приведени во жестоките немири

Хаос во Атина: 211 приведени во жестоките немири

Најмалку 211 луѓе се приведени за време на немирите во Атина, кои избија на протестот за одбележување на шестгодишнината од смртта на тинејџерот Алексис Григоропулос.

Како што јавуваат грчките медиуми, неколку илјади лица синоќа одржаа протестен марш на местото каде полицијата го уби невооружениот Григоропулос, но набрзо почнаа нередите во кои се оштетени повеќе продавници и автобуски станици.

Полицијата брзо интервенирала и успеала да ги локализира немирите на дел од градот Ексархија, каде припадниците на безбедносните сили ги опколија демонстрантите на централниот плоштад и употребија солзавец.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите се регистрирани и во Солун, каде хулиганите претепале двајца полицајци во цивилно, по што интервенирала полицијата, употребувајќи солзавец и шок-бомби.

Григоропулос беше убиен во декември 2008 година, после вербален судир со полицијата. Неговата смрт предизвика двонеделни немири, кои се сметаат за едни од најнасилните немири во последната деценија.