Главна секција Хан и тројцата европратеници во вторник доаѓаат во Македонија, потврди Коцијанчич

Хан и тројцата европратеници во вторник доаѓаат во Македонија, потврди Коцијанчич

Еврокомесарот за добрососедска политика и за проширување, Јоханес Хан, во вторник ќе допатува во Скопје, заедно со тројцата европратеници Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, потврди денеска портпаролката на Евопската комисија, Маја Коцијанчич.

– Како што можете да видите на агендата, комесарот Хан во вторник, на 21 март, ќе патува во Скопје, заедно со тројцата европратеници кои добро ги познавате, Флекенштајн, Кукан и Вајгл. Тие заедно ќе се сретнат со претставници на сите парламентарни политички партии, како и со претседателот (Ѓорге) Иванов. Тие ќе ја повторат цврстата порака на ЕУ да се почитуваат изборните резултати и да се овозможи демократските процеси да продолжат и брзо да се формира влада што ќе продолжи да го имплементира Договорот од Пржино – рече Коцијанчич.

Таа потсети дека вчера, на Самитот на шесте западнобалкански лидери во Сараево, Хан ја истакнал неопходноста од регионална соработка и предупредил на ризикот од подгревање на тензиите, вклучувајќи ги и меѓуетничките, со изјави и со дејства што можат да ги поткопаат добрососедските односи.

На прашање дали се подготвува „Пржино 3“, Коцијанчич истакна дека ставот на Комисијата е дека Договорот од Пржино треба целосно да се имплементира.

– Сметаме дека покрај работите што треба да се случат е тоа што Договорот од Пржино, каков што го знаете, треба да се имплементира – рече Коцијанчич.