Свет Европа Грција задоволна од Еврогрупата

Грција задоволна од Еврогрупата

Грчката влада изрази првично задоволство од денешниот состанок на Еврогрупата. Од Атина ги толкуваат позитивно денешните пораки од Брисел, истакнувајќи дека има добра вест за Грција бидејќи Еврогрупата дала зелено светло да почнат да се применуваат одлуките од 20 февруари, со што Европската централна банка ќе треба да ја олабави ригорозната позиција што ја има кон Грција.

Според информациите од извори од грчката влада, Еврогрупата политички ги прифатила предлозите на Атина. Со ова од среда во Брисел почнуваат преговорите со техничките групи за да се договорат детали за законодавството и за новите реформи.

Изворите од грчката влада коментираат дека со денешните разговори, европските партнери покажале желба да се решат проблемите со финансирањето на Грција.

Според Атина, договорот со европските партнери и понатаму ќе се развива и ќе се подобрува и грчката влада ќе продолжи да предлага нови, дополнителни реформи за подобрување на ситуацијата во државата.