Свет Балкан Грција во дипломатска офанзива пред состанокот со еврогрупата

Грција во дипломатска офанзива пред состанокот со еврогрупата

Грција е во трка со времето да добие што поголема европска поддршка пред состанокот на еврогрупата на 9 мај. Грчката влада има шест дена за да се обиде да ја засили својата преговарачка позиција и да добие повеќе гласови и европски држави на своја страна и така да успее да избегне наметнување нов пакет мерки од страна на ММФ во висина од 3,6 милијарди евра.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за финансии, Евклидис Цакалотос, по велигденскиот одмор од денеска почнуваат со интензивни состаноци и со разговори и на домашен и на странски терен со европските министри за финансии и со првиот човек на еврогрупата, Јерун Дајселблум. Тоа што се слуша во Атина е дека грчката влада има добиено силна поддршка од европските социјалисти, која се надеваат дека е доволна одлуките на еврогрупата да бидат наклонети на грчките интереси.

Според информациите, надежите во Грција се да има договор до 24 мај и за новиот пакет мерки кој Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го бара од Грција и околу можното кратење и менување на грчкиот долг. Грција е одлучна да не отстапува од својата црвена линија, односно да не прифаќа нови мерки, кои стравува дека ќе донесат дополнителни внатрешни проблеми и бранувања.

Грчкиот народ веќе се бунтува против пакетот мерки за намалувања на пензиите и за зголемувања на даноците. Неделава, во знак на протест против овие мерки, штрајкуваат адвокатите, нотарите, сметководителите, а дел од јавната администрација ќе прави блокада на работата на државните згради, додека следната недела или штом ќе одлучи владата мерките да се стават на дискусија или гласање во собранието, се планира 48-часовен штрајк на работничките синдикати.