Свет Балкан Грција не ја исплати втората транша од долгот кон ММФ

Грција не ја исплати втората транша од долгот кон ММФ

Грција го пропушти рокот да ја врати и втората транша од долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјави портпаролот на ММФ, Гери Рајс.

Атина требало синоќа, до 22 часот, да му врати 456 милиони евра на ММФ, но не се ни очекувало дека тоа ќе го направи откако веќе пропуштила да ја плати претходната транша од долгот од 1,5 милијарди евра на 30 јуни.
Вкупниот грчки долг кон ММФ изнесува околу две милијарди евра, рече Рајс.

ММФ, откако Грција не ја плати претходната транша, ги замрзна средствата за земјата од тековната финансиска програма.

Атина од Фондот побара продолжување на рокот за отплата на заемите, а Рајс наведе дека извршниот одбор на ММФ ќе расправа за тоа следната недела.

Грција вчера, по маратонските преговори со кредиторите, успеа да постигне спогодба за третиот пакет меѓународна финансиска помош, кој ѝ беше потребен за да го избегне излегувањето од еврозоната.

Новиот пакет е вреден околу 86 милијарди евра и е одобрен под строги услови, кои вклучуваат пакет мерки за штедење што грчкиот парламент мора да ги усвои до утре.