Свет Балкан Грција ја покани Македонија на балкански бизнис-форум во Солун

Грција ја покани Македонија на балкански бизнис-форум во Солун

Грција во јули ќе организира балкански бизнис-форум на кој се поканети Македонија и другите балкански држави. Бизнис-конференцијата на која ќе се разговара за можностите за продлабочување на регионалната економска соработка ќе се одржи на 7 и на 8 јули во Солун.

За форумот грчкиот заменик министер за надворешни работи, Димитрис Мардас, се сретна во Атина со амбасадорите од балканските земји, меѓу кои и македонскиот амбасадор Дарко Ангелов, и ги информираше за иницијативата. Се работи за иницијатива во рамки на економската дипломатија на Грција, за да се развијат посилни регионални економски врски меѓу Грција и Балканот, да се поттикнат и да се помогнат грчките бизниси, како и да се засили грчкиот извоз кон балканските земји.

На форумот, како што информираат од грчкото министерство за надворешни работи, ќе бидат поканети претставници на јавниот и на приватниот сектор од сите балкански земји, главно претставници од секторот на храна и пијалаци.

Според информациите, поканети ќе бидат и официјалните министри одговорни за надворешна трговија и инвестиции од балканските земји и од Југоисточна Европа.