Свет Балкан Грција достави барање до Дајселблум за итен заем

Грција достави барање до Дајселблум за итен заем

Грција доставила официјално барање за добивање заем од специјалниот спасувачки фонд на еврозоната, објавија денеска од Европскиот стабилизирачки механизам (ЕСМ), јавува грчкиот весник „Е-Kатимерини“.

– ЕСМ доби барање од Грција – соопштија од ЕСМ.

Мишел Рејнс, портпаролот на претседателот на Еврогрупата, Јерун Дајселблум, пред малку на „Твитер“ потврди дека пристигнало официјалното барање на Атина за нова помош.

„Примено е барање за поддршка од Европскиот механизам за стабилност од грчката влада“, напиша тој.

Тој додаде дека барањето ќе го разгледа работна група и дека нема да има видеоконференција на Еврогрупата денеска, како што беше најавено.

Како што јавува „Блумберг“, станува збор за тригодишен заем, за кој официјална Атина се согласила за брзи реформи, кои ќе бидат спроведени во следните неколку недели.

Во меѓувреме, на „Твитер“ се појави документот со кој Грција бара заем и што ветува дека ќе спроведе за да го добие.

На 30 јуни Грција побара двегодишен заем, неколку часа пред да истече рокот за исплата на долгот кон ММФ во висина од 1,6 милијарда евра. Еврогрупата истиот ден го одби ваквото барање.