Македонија Грковска го посети македонскиот тим кој се справува со симулиран сајбер напад...

Грковска го посети македонскиот тим кој се справува со симулиран сајбер напад со тимови од Албанија и Црна Гора

Заеднички беше констатирано дека сајбер безбедноста и сајбер отпорноста на државата е еден од најголемите предизвици на денешнината, се вели во владиното соопштение

Фото: Влада на РСМ

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска го посети „Синиот тим“ на Северна Македонија, кој пријателски се натпреварува со сините тимови на Црна Гора и Албанија, во рамки на тридневната регионална вежба за сајбер безбедност.

Вежбите имаат за цел да обучат сеопфатни вештини за сајбер капацитети на техничко ниво, да ја подобрат отпорноста и експертизата на јавните институции, како и да ја подигнат свеста на менаџерско ниво за ефектите што може да ги предизвикаат сајбер инцидентите.

„Заеднички беше констатирано дека сајбер безбедноста и сајбер отпорноста на државата е еден од најголемите предизвици на денешнината и токму затоа професионалниот напредок, јакнење на капацитетите и градење на кадар кој ќе може ефикасно да се справува со ваквите напади мора да биде приоритет на државата“, се вели во соопштението од кабинетот на Грковска.

Вежбата е организирана со поддршка на естонската „e-Governance Academy“, во рамки на проект на Европската Унија, а се одвива на три локации: Скопје, Тирана и Подгорица.