Свет Балкан Грчкото обвинителство покрена истрага за летокот во Идомени

Грчкото обвинителство покрена истрага за летокот во Идомени

Грчкото обвинителство ќе го истражува случајот и ќе ги бара одговорните за летокот со кој бегалците на Идомени се повикаа на нелегално преминување на грчко-македонската граница. Според информациите во Грција, обвинителката од грчкиот врховен суд, Ефтерпи Куцамани, издала наредба до солунското обвинителство да се почне прелиминарна кривична истрага за да се најде кој стои зад целата акција која се смета дека е добро организирана.

Имено, кај неколку стотици бегалци кои се охрабрија да го напуштат Идомени и по алтернативна рута да преминат во Македонија беа најдени летоци на кои јасно е исцртана мапа како да се движат до незаштитен дел во пограничната зона меѓу Македонија и Грција, од каде може да преминат слободно и да го продолжат својот пат кон Европа.

При оваа акција загинаа тројца бегалци во обидот да се премине Сува Река, а другите што успеаја да преминат по долго пешачење во селото Моин беа фатени од полицијата и вратени назад во Грција.

Министерството за правда и министерството за цивилна заштита веќе имаат доставено информации од грчката полиција околу ситуацијата со делењето летоци. Врз основа на овие информации, Куцамани бара од солунското обвинителство да истражи и да се најдат тие што стојат зад летоците. Доколку се најдат, ќе се стават под истрага за пренесување и за шверц на луѓе од и во Грција, како и за загрозување на пријателските врски на Грција со друга држава. Доколку се откријат сторителите и се докаже нивната вина за случајот, следат затворски и парични казни.