Свет Европа Грчките власти десеткратно ги зголемуваат казните за подметнување пожари

Грчките власти десеткратно ги зголемуваат казните за подметнување пожари

Станува збор за парични казни до 50.000 евра и затворски казни до десет години

Извор: Photo by Pixabay: https://www.pexels.com/photo/forest-on-fire-51951/

Грчките власти планираат да воведат построги казни за подметнување пожари кои се планира да бидат и до десет пати повисоки од актуелните.

Одлуката доаѓа по серијата големи пожари во земјата, кои веќе предизвикаа преголеми штети.

Министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас рече дека деталите за мерките ќе бидат објавени следниот месец, но додаде дека казните за намерно предизвикување пожари или за несовесно однесување ќе одговараат на казните воведени пред две години за злоупотреба на животни.

Станува збор за парични казни до 50.000 евра и затворски казни до десет години.

„Морам да кажам дека следната сезона на пожари ќе нè најде во поинаква позиција. Казните ќе се зголемат десеткратно, но потребна е промена и на менталитетот“, изјави Кикилијас во интервју за државната телевизија.

Грција се бореше со десет големи шумски пожари минатиот месец, од кои најголем беше пожарот што го зафати островот Родос.

Изгореа повеќе од 500 квадратни километри земја, што е двојно повеќе од годишниот вкупен број во 2022 година, според Европскиот информативен систем за шумски пожари – агенција на Европската Унија која ги следи штетите од шумските пожари, користејќи сателитски податоци.