Свет Балкан Грчкиот фонд за приватизација ќе ја прифати италијанската понуда за грчката железница

Грчкиот фонд за приватизација ќе ја прифати италијанската понуда за грчката железница

Грчката железница за 45 милиони евра ќе биде продадена на италијанската државна железница. Според првичните неофицијални информации, грчкиот Фонд за приватизација кој денеска ја разгледуваше понудата на италијанската компанија, ја прифатил понудата од 45 милиони евра со што ќе почне процесот за приватизација на грчката железница.

Со железницата досега стопанисуваше грчката државна компанија ОСЕ, преку која се одвиваше патничкиот и товарниот железнички транспорт низ земјата.

Неизвесно е како одлуката за приватизација ќе влијае на штрајкот на вработените во железницата. Вработените почнаа со тридневни прекини на работата пред три недели, а континуирано штрајкуваат со откажување на сите возови во земјата веќе 11 дена.

Товарниот сообраќај е во прекин до 17 јули. Вработените бараат компанијата да остане државна и бараат колективни договори и гаранција на нивните работни места во случај на приватизација.

Италијанската железница беше единствениот понудувач на последниот тендер за купување на грчката железница. Иако се очекуваа понуди од Русија и од Франција, на тендерот се јави само италијанската државна компанија.