Свет Балкан Грчката организација Огнени јадра презеде одговорност за нападот во Атина

Грчката организација Огнени јадра презеде одговорност за нападот во Атина

Грчката терористичка организација Огнени јадра презеде одговорност за синоќешниот напад во центарот на Атина. Од организацијата потврдија дека мета на нападот била грчката јавна обвинителка Георгиа Цатани.

Во соопштението со кое преземаат одговорност, од организацијата посочуваат дека ја одбрале Цатани бидејќи е дел од група јавни обвинители кои при големи судења ѝ помагаат на политичката и бизнис-мафија да се извлече од одговорност, како и поради нејзината вклученост во судења на роднини од организацијата. Од Огнени јадра најавуваат и идни акции, посочувајќи дека ова не е крај на нивната одмазда.

Нападот на организацијата беше извршен со бомба поставена во густо населен кварт во центарот на Атина, во близина на населбата Ексархија. Бомбата беше поставена пред влезот на зградата во која живее Цатани. За среќа, во експлозијата нема човечки жртви, но причинета е огромна материјална штета на неколку станбени згради, продавници и автомобили.

Цатани, која во минатото беше дел од контроверзни политички судења, последните шест години постојано има полициска придружба поради честите закани. Обвинителката пред извесно време поднела барање за зголемување на безбедносните мерки, но државата и покрај тоа одлучила да ја намали нејзината полициска придружба.