Свет Балкан Границата кај Гевгелија е „херметички“ затворена и за бегалците и за возовите

Границата кај Гевгелија е „херметички“ затворена и за бегалците и за возовите

Бегалците кај Идомени, Грција, денеска мирно протестираат барајќи да се отворат границите.

Во ова прифатилиште има од 7.000 до 9.000 бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан. Просторот веќе наликува на вистински мал град, со стотици шатори каде бегалците се засолнуваат чекајќи да заминат од Грција.

Во кампот снемува резерви од храна и од лекови, поради што волонтерите упатуваат повици да им се помогне.

Бегалците секојдневно формираат огромни колони и трпеливо чекаат за малку храна, која им ја делат волонтерите.

Денеска бегалците имаа потреба и од сува облека по синоќешниот дожд што ги поплави шаторите.

Преминот по вчерашните инциденти е „херметички“ затворен. Не преминуваат ниту бегалци, а во целосен прекин е железничкиот сообраќај од двете страни. Неколку возови чекаат од двете страни да бидат пропуштени.

Покрај илјадниците мигранти на Идомени, на грчките острови има околу 6.000 регистрирани бегалци кои чекаат да бидат префрлени во Атина, а оттаму кон Идомени. На пристаништето Пиреа чекаат околу 1.300 лица, во четири различни прифатилишта.

Голготата за бегалците се чини бескрајна. Покрај ужасните услови, спиењето под отворено небо на плоштадите низ Атина, голем дел од нив може да станат и жртви на новите шврецери, кои бараат и до 5.000 евра за да ги пренесат од грчката престолнина до Македонија или Германија.

Грчкото министерство за миграција упати апел до сите општини и градоначалници да помогнат да се најдат празни простори, каде привремено би можеле да бидат сместени бегалците.