Свет Европа Градоначалникот на Петриња не ја сака државната помош: Не ја гледаат штетата,...

Градоначалникот на Петриња не ја сака државната помош: Не ја гледаат штетата, ја делат политички!

Даринко Думбовиќ, градоначалник на Петриња. 2 јануари 2021. Фотографија: Градска управа на Петриња

Даринко Думбовиќ, градоначалникот на хрватскиот град Петриња, којшто неодамна беше погоден од силниот земјотрес, е разочаран што по катастрофата, жупанијата (областа), односно државата, собира политички поени и не ја дели помошта по критериуми, туку според политичките определби. Затоа, вели Думбовиќ, тој нема да ја прифати таа помош, објави весникот „Јутарњи лист“.

„Преспав и решив. Нема да ги земам 30-те милиони куни кои жупанот Иво Жиниќ, од вкупно 100 милиони за подрачјата погодени од потресот, ѝ ги додели за Петриња. Ако Владата сака да им помогне на жителите на Петриња, нека ни ја даде помоштa директно и тоа врз основа на стручни проценки“, изјави градоначалникот на Петриња.

Градочачалникот на Петриња вели дека во градот нема струја ни вода, објектите се несигурни, некои големи мора да се срушат.

„Во градот нема ниту една институција што е цела. Останавме без струја, вода, се тресе, паѓаат цигли. Најмногу се плашам дека уште некој од луѓето ќе настрада. Ни требаа дваесет години да го обновиме градот, а сега мора да урнеме две училишта, Катастарот, Судот, Поранешната пошта, целиот центар…“, изјави Думбовиќ за „Јутарњи лист“.

Тој додава дека на секој чекор чувствува политичката сила и „мускул“, а помошта не се дели праведно, според штетите и потребите, туку по политички клуч.

„Петриња има 24.000 жители, а Глина нема повеќе од 2.000 – со околинните села 9.000. Ако од 100 милиони куни на Петриња ѝ дадеш 30 милиони, а на Глина 25, тогаш некој треба да ми објасни по кој клуч се делат парите, ако не по политички. Луѓе ми се јавуваат. Семејството Грубиќ има четири деца, близнаци и едно на три и едно на четири години. Ми бараат контејнер, оти што немаат каде да спијат, а јас немам. Се борам некаде да го сместам новороденото бебе“, продолжува Думбовиќ.