Култура Град Скопје не го поддржа единствениот фестивал за феминизам ПРВО ПА ЖЕНСКО

Град Скопје не го поддржа единствениот фестивал за феминизам ПРВО ПА ЖЕНСКО

Фото: Ванчо Џамбаски, https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72157719399290704

Единствениот фестивал за феминизам и феминистичка култура во Северна Македонија, ПРВО ПА ЖЕНСКО годинава остана без средствата од Град Скопје. Градските власти одлучија да не ја поддржат овогодинешната музичка програма на фестивалот којшто годинава го слави јубилејното десетто издание, информираат организаторите Тиииит! Инк.

„Оваа година ППЖ го слави своето јубилејно десетто издание, па затоа се потрудивме и програмата на фестивалот да ја отсликува оваа децениска заложба за отворање и одржување на овој феминистички простор во нашиот град. За жал, добивме само штуро известување по мејл за ваквата одлука, без никакво подетално образложение или решение, кое би ни овозможило да ја обжалиме ваквата одлука на Град Скопје“, велат од фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Тие денеска јавно излегоа со реакција на социјалните мрежи за да побараат објаснување од надлежните во Град Скопје и соодветно да реагираат поради ова.

„Се надеваме дека Одделението за култура при Град Скопје ќе се одважи и ќе ни одговори на овој јавен приговор, затоа што во моментот организацијата Тиииит! Инк. е лишена од секаков друг вид на простор за приговор и објаснување“, се наведува во нивната објава на Фејсбук.

Инаку, претходно со реакција за критериумите за доделување на средства од Градот Скопје годинава се јави и пејачката Кристина Арнаудова, која објави дека Градот Скопје за прв пат годинава не го поддржал одржувањето на бесплатниот летен камп за деца во социјален ризик „Шарено лето“. Овој летен камп постои од 2017 година и стотици деца досега го доживеале својот прв летен одмор со него.