Македонија Град Скопје изработи анализа за можностите за намалување на ризикот од поплави

Град Скопје изработи анализа за можностите за намалување на ризикот од поплави

„Анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот Регион“ е името на студијата што Град Скопје ја изработи во соработка со УНДП, а денеска беше презентирана пред јавноста.

– Градот Скопје почнува нова практика во начинот на работењето, во смисла на споделување на резултатите од научните студии со јавноста. Сакам да нагласам дека Градот Скопје и УНДП во декември 2014 година почнаа заедничка реализација на проектот за зголемување на урбаната отпорност на природни катастрофи и на климатски промени, со примена на информатичка технологија, кој сè уште е активен – рече Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје.

На презентацијата на овој значаен документ присуствуваа и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, како и претставнци од скопските општини, јавните градски претпријатија, министерствата и од научните институции, невладини организации и граѓани.

Во анализата се содржани сите активности, анализи и моделирања во стратегијата за климатски промени, како и сознанијата од поплавите во септември 2016 година во Стајковци и во населените места во близина.

Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, порача дека треба да се работи на намалување на ризиците од поплавите, имајќи го предвид, пред сè, доброто и безбедноста на луѓето, зашто алармот од климатските промени е веќе вклучен.