Македонија Ѓорчев: СДСМ да обезбеди влез во ЕУ и во НАТО без задирање...

Ѓорчев: СДСМ да обезбеди влез во ЕУ и во НАТО без задирање во идентитетот

„Новиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, не смее да отстапи од највисоките државни и национални интереси, а тие се веќе дефинирани: членство во евроатлантските структури и одбрана на македонскиот идентитет“, порача пратеникот Владимир Ѓорчев денеска на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека Република Македонија треба да стане членка на НАТО и на ЕУ веднаш и без одложување, но притоа да не се наштети на македонскиот народ и на македонската држава.

– Доколку процесот не беше непринципиелно и неправедно блокиран од нашиот сосед Грција, ние ќе бевме рамноправен парнер во НАТО, бидејќи покажавме и капацитет и волја. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите напори на своите меѓународни пријатели да им објасни дека неправда ѝ е нанесена на Република Македонија. Очекуваме дека и Зоран Заев и неговата влада ќе го исполнат ветувањето што им го дадоа на граѓаните на Република Македонија за брз влез во НАТО и во ЕУ, но притоа да не се задира во идентитетските прашања и да не се прават договори на штета на македонскиот народ и на македонската држава – рече Ѓорчев.