Македонија Ѓоргиевска: Телесната автономија е основно човеково право, а сепак неостварливо за многу...

Ѓоргиевска: Телесната автономија е основно човеково право, а сепак неостварливо за многу жени

Овде сме да слушаме, да учиме и да трасираме пат напред кој ќе ја почитува и кој ќе ја поддржува автономијата, достоинството и правата на жените и девојките, рече Ѓоргиевска на отворањето на конференцијата на која присуствуваат околу 100 претставници од државата и од регионот на Источна Европа и Централна Азија, ООН, меѓународната заедница

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска е домаќин на регионалната конференција на високо ниво „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки“, што се одржува во Кабинетот на претседателот.

Конференцијата, чиј домаќин е Ѓоргиевска, се одржува во соработка со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, а под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Во своето обраќање, Ѓоргиевска истакна дека телесната автономија е основно човеково право, а сепак како такво останува неостварливо за премногу жени и девојки ширум светот, потенцирајќи дека собирот има за цел да ги засили гласовите на оние кои долго време се маргинализирани.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

„Овде сме да слушаме, да учиме и да трасираме пат напред кој ќе ја почитува и кој ќе ја поддржува автономијата, достоинството и правата на жените и девојките“, рече Ѓоргиевска на отворањето на конференцијата.

На воведната сесија се обратија и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите Нации во Северна Македонија и Диене Кеита, заменик-директорка (програма) на УНФПА.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

„Оваа Влада чии темели на работа се еднаквоста, праведноста и солидарноста еден од првите чекори кои ги направи беше промената на Законот за прекин на бременоста, овозможувајќи и го правото на жената да одлучува за своето тело. Жал ми е што вакво основно човеково право треба да го наведеме како успех, жал ми е што е потребна законска измена за да и гарантираме на една жена дека има право и дека заслужува да одлучи за себе. Меѓутоа со раководство кое препознава и работи на измени кои гарантираат слободно живеење во сопствената држава не се плашам за прашањето за имплементирање на еднаквите можности и на жените и на мажите“, рече Тренчевска.

Преку 4 панели на различни теми, говорниците на конференцијата ќе дадат преглед на остварувањето на телесната автономија, ќе дебатираат за бариерите за пристап до здравствена заштита, образование и економски можности.

На Конференцијата присуствуваат околу 100 претставници од државата и од регионот на Источна Европа и Централна Азија, ООН, меѓународната заедница, креатори на политики, жени лидери, претставници/чки на граѓанското општество, на младите, експерти и други засегнати страни.

Од Кабинетот на претседателот потсетуваат дека телесната автономија и сексуалното и репродуктивното здравје и права се клучни за напредокот кон родовата еднаквост, постигнувањето на Целите за одржлив развој на ОН и целите на Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) што се одржа во Каиро, Египет, во 1994 година.