Македонија Гир: Судството е на критична точка, пристигнаа 40 препораки од оценската мисија...

Гир: Судството е на критична точка, пристигнаа 40 препораки од оценската мисија на ЕУ

Гир не навлегуваше во секоја препорака одделно, но рече дека од вкупниот број препорачани мерки, 17 може да исполни самиот Судски совет, додека за останатите ќе бидат потребни законски и уставни измени

Фото: Секретаријат за европски прашања

Вкупно 40 препораки има во извештајот на оценската мисија на Европската Унија за работата на Судскиот совет, информираше денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на брифинг со новинарите.

Експертскиот тим на Европската Унија, предводен од судијата во Врховниот суд на Хрватска, Бранко Хрватин, дојде во земјава во септември за да ја „скенира“ состојбата со Судскиот совет, институција која беше предмет на голем број критики за работата поради контроверзните одлуки кои беа на тапет и од страна на меѓународните, но и од домашните експертски невладини организации.

Три месеци подоцна, извештајот е готов, а според она што го соопшти Гир, судството е на критична точка, а препораките ако не се имплементираат со политичка волја, интегритет и транспарентност, нема воопшто да бидат корисни.

Овие 40 препораки на оценската мисија се однесуваат на структурата и на компетентноста на Судскиот совет, на мандатот на членовите, на процената за селекција и именување, дисциплинските постапки, транспарентноста во комуникациите со јавноста, како и на финансирање на Советот. Гир не навлегуваше во секоја од нив одделно, но рече дека од вкупниот број препорачани мерки, 17 може да исполни самиот Судски совет, додека за останатите ќе бидат потребни законски и уставни измени. Од овие 17 препораки, 10 се однесуваат на унапредувањето на судиите, а седум се однесуваат на транспарентноста.

Доколку тоа се случи во следните месеци, вели Гир, „би било револуција“. За останатите, пак, потребни се подлабоки измени преку Владата и Собранието, и таа задача евроамбасадорор ја остави на „следната влада“.

Тие се однесуваат на тоа кој треба да биде член на Судскиот совет, колку долго треба да биде учеството, на ризикот од долготрајно учество, на мерит-системот, етичкиот кодекс, на процените за дисциплинска постапка против судиите, на буџетската автономија и на комуницирањето со јавноста.