Свет Европа Германија против грчкото барање за нов заем

Германија против грчкото барање за нов заем

Германија денеска го отфрли грчкото барање за продолжување на финансирањето од еврозоната за шест месеци, оценувајќи дека тоа не претставува вистинско решение и дека не одговара на критериумите поставени од еврозоната, пренесуваат медиумите.

Од друга страна, Европската комисија го оцени како „позитивен сигнал“ потегот на официјална Атина, кој, како што наведуваат оттаму, „отвара пат за компромисно решение“.

Берлин смета дека финансиската помош и реформите се неодвоиви и инсистира на петте услови што Грција треба да ги исполни за да ги задоволи критериумите на еврозоната. Меѓу нив е ветувањето дека нема да ги запре реформите, кои се веќе покренати, дека нема да почнува нови кои би ги оптовариле јавните финансии и ветувањето дека ќе ги врати долговите кон сите доверители.

Министрите за финасии на земјите од еврозоната утре попладне, на вонреден состанок во Брисел, ќе го разгледуваат грчкото барање за шестмесечно продолжување на финансиската програма за помош.

Меѓународната програма за помош на Грција истекува на 28 февруари. Премиерот Алексис Ципрас сака со преоден аранжман да ги покрие финансиските потреби на земјата, која наскоро би можела да остане без пари, додека неговата влада не подготви целосна програма со реформи за економско закрепнување.