Македонија Германија: Нема услови за избори според европски стандарди

Германија: Нема услови за избори според европски стандарди

Германија го дели мислењето на Европската комисија во врска со состојбата со подготовките за парламентарни избори во Македонија, односно дека се потребни понатамошни реформски чекори пред да постои можност за избори според европски стандарди, соопштија попладнево од германската амбасада во Скопје.

Од амбасадата ги повикуваат сите политички партии вклучени во процесот да вложат напор и да покажат политичка волја да најдат заедничко решение, кое ќе ја придвижи земјата напред во правец на европската интеграција.

Тоа, како што стои во соопштението од амбасадата, важи пред сè за владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.

„Одговорноста да ги донесе потребните заклучоци од моменталната состојба на изборните подготовки, лежи кај потписниците на спогодбата од Пржино. Сојузната влада ги повикува засегнатите партии да вложат напор, конструктивно и со потребната политичка волја да најдат заедничко решение, кое ќе ја придвижи земјата напред во правец на европската интеграција. Тоа важи, пред сè, за владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и таа не смее да се огради од сознанието дека изборите ќе ѝ помогнат на земјата единствено ако претходно се создадат услови за нивно фер спроведување, во согласност со европските стандарди“, стои во соопштението од германската амбасада.

Оттаму додаваат дека за да се обезбедат еднакви шанси за сите партии, неопходни се веродостојни избирачки списоци, медиумски реформи, кои сè уште не се спроведени, како и разграничување меѓу партијата и државата.