Економија ГА-МА реагира на „Макпетрол“: Имаше доволно време да ги информирате корисниците

ГА-МА реагира на „Макпетрол“: Имаше доволно време да ги информирате корисниците

Photo by Jerry Zhang on Unsplash

По соопштението од „Макпетрол“ АД Скопје денеска, дека од 1 јануари, повеќе нема да увезува и да им испорачува природен гас на неговите потрошувачи, како и поплаката од оваа компанија дека се недефинирани условите за работа за снабдувањето потрошувачи со гас, реагираше државното претпријатие „ГА-МА“ АД.

Од таму велат дека во насока на либерализација на пазарот на гас во земјава, промените се почнати уште на почетокот на годинава, а сите подзаконски акти неопходни за функционирање на пазарот се пратени до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и се очекува набргу да бидат усвоени.

Сепак, целиот процес на транзиција трае безмалку година, велат од државното претпријатие.

„Процесот на запознавање со промените е започнат уште на почетокот на 2022 година, каде во склоп на четиридневни презентации беа поканети повеќето активни трговци меѓу кои и Макпетрол АД. Од нивна страна немаше никакви забелешки или прашања“, објаснуваат од ГА-МА.

Исто така, на јавната расправа отворена на 18 октомври, за предлог-текстот на договорот за интерконекција, Макпетрол немал забелешки за суштината на договорот, се вели во соопштението од државното претпријатие.

„Забелешките кои ги достави Макпетрол до нас беа во насока на оспорување на правото да го потпишеме договорот, а не на текстот, односно на суштината на договорот“, одбележува ГА-МА.

Потоа, откако е склучен интер-конекцискиот договор, ГА-МА најавила дека ќе одржи презентација со можност за прашања.

„Макпетрол АД веднаш испраќа известување дека нема да присуствува. Од сите наведени дејствија може да се согледа дека Макпетрол имал многу можности да ги запознае и своите корисници и своите вработени за промените, но не го сторил тоа“, одговараат од ГА-МА.