Македонија ФРОДЕМ: Забрана за влез во ЕУ и во САД и замрзнување на...

ФРОДЕМ: Забрана за влез во ЕУ и во САД и замрзнување на сметките за лицата што не го почитуваат Договорот од Пржино

„По вчерашното распишување на изборите при неисполнети елементарни услови согласно Договорот од Пржино, како и децидното одбивање на Иванов да ја повлече неговата ништовна одлука за стопирање на постапките против осомничениге лица и да не поднесе оставка, ги повикуваме САД и членките на ЕУ наместо очекуваните санкции кон Македонија и нејзините граѓани, истите да ги изречат кон лицата и партиите кои не го почитуваат Договорот од Пржино, кои го суспендираа владеењето на правото и кои ја погазија општата граѓанска согласност за евроатланска интеграција на Македонија“, се вели во отвореното писмо на ФРОДЕМ (Фронт за демократска Македонија) до земјите членки на ЕУ и до САД и до другите држави пријатели на Македонија.

Во него се бара земјите членки на ЕУ и САД како и сите добронамерни држави пријатели на Македонија и на македонските граѓани, „на сите лица чии имиња се наоѓаат на ништовните одлуки, на нивните најблиски роднини, како и персоната Ѓ. Иванов, да им изречат забрана за влез во нивните држави, како и да им ги блокираат фирмите и да им ги замрзнат банкарските сметки доколку ги имаат во нивните држави“.

Оваа барање се однесува и на членовите на Советот на јавни обвинители кои, според ФРОДЕМ, постојано ја опструираат работата на Специјалното јавно обвинителство, како и на судиите на Уставниот суд „кои сносат сериозна одговорност за своето непрофесионално работење и однесување и кршење на Уставот и законите на државата“.

Од ФРОДЕМ бараат овие мерки да траат сè до завршувањето на почнатите постапки и до докажување на нивната невиност.

– Исто така бараме од акредитираните амбасадори во Република Македонија истите овие личности да не ги покануваат на официјални приеми и средби и да ја суспендираат секоја идна комуникација со нив сè до завршување на кривично-правните постапки – се додава во писмото.