Свет Европа Формирано Здружението за промоција на македонската култура во Полска

Формирано Здружението за промоција на македонската култура во Полска

Целта на нивното постоење е продлабочување на соработката меѓу македонската и полската култура

Здружението за промоција на македонската култура во Полска беше формирано изминатиот викенд во Волскиот центар за култура во Варшава, информираат од ова здружение. Целта на нивното постоење е продлабочување на соработката меѓу македонската и полската култура.

„Здружението за промоција на македонска култура во Полска е непрофитна невладина организација, чија примарна мисија е да ги обедини Македонците кои живеат во Полска, да гради пријателски полско-македонски односи, да ја промовира македонската култура, уметност, јазик и да ги доближи до сите оние кои сакаат да ја запознаат Македонија“, велат од Здружението.

На настанот биле презентирани краткорочните и долгорочните цели како и структурата на самото здружение од страна на претседателот на здружението Горан Шутиновски. Со поздравен говор пред присутните се обратил и в.д. амбасадорот на Македонија во Полска, Илија Псалтиров. Програмата продолжила со проекција на два краткометражни филмови, „Долу од рајот“ во режија на Саша Станишиќ и „Ќе му се јавам на татко ти“ во режија на Леонид Ристов.

Со музичка точка настапил „Ансамблот за песни и танци при Економскиот универзитет во Варшава“, со изведба во живо на неколку полски народни песни, а посебно за оваа пригода, и на големо воодушевување на присутните, Ансабмлот ја извел македонската песна „Македонско девојче“, испеана на македонски јазик, напишана и компонирана од македонската музичка легенда Јонче Христовски.

Во изложбениот простор на културниот центар имало и поставка на авторски урбани фотографии од Скопје и Варшава на Даниел Анастасов, пот-претседател на Здружението, како и изложени македонски орнаменти од приватните колекции на некои од членовите на здружението. Изложено било и достапно на продажба двотомното издание „Македонија 1 и 2“ според Јозеф Обрембски“ во редакција на Ана Ангелкин, Јоана Рексас и Илија Упалевски од Институтот за етнологија во Варшава.

Здружението во иднина ќе се залага за промоција и поддршка на македонската култура, јазик, образование, наука, историја, уметност, традиции, музика и обичаи; за градење пријателски полско-македонски односи и негување контакти и соработка во услови на мултикултурно и разновидно општество; обезбедување информативна помош и поддршка на Македонците во Полска и соработка и реализација на заеднички проекти со Македонци и Полјаци во Полска и во странство, како и поддржувачи и пријатели на широко ценетата македонска култура.”