Свет Балкан Формиран Балкански форум на уставни судови

Формиран Балкански форум на уставни судови

Потпишан е меморандум со претседателите на уставните судови на Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Косово и Турција.

Фото: Уставен суд на Република Северна Македонија

Балканскиот форум на уставни судови е соработка меѓу уставните судови на Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Косово и Турција. Тој е основан со цел развивање на меѓусебен дијалог, споделување на уставната пракса, градење на капацитети и професионален развој на судиите и стручните служби во областа на уставно право, како и подигнување на нивото на комуникација на уставните судови со јавноста.

Според соопштението на Уставниот суд на Република Северна Македонија, претходно наведените цели ќе се реализираат преку одржување на годишни средби, обуки, и работилници на кои ќе се претстават предизвиците со кои се соочуваат уставните судови. Идејата е потоа да се основаат работни групи и комитети на експерти со фокус на специфични области од уставното право кои би изработувале истражувања и анализи.

Со потпишувањето на Меморандумот, вчера беше одржан првиот годишен состанок на Балканскиот уставен форум во Софија, заедно со претставници од уставните судови на Босна и Херцеговина, Грција, Романија и Хрватска. Беше одржана и првата заедничка конференција на која беа споделени искуства поврзани со пристапот на граѓаните до уставната правда во различни држави.