Економија Фондот за иновации со 450.000 евра ќе поддржи 15 компании

Фондот за иновации со 450.000 евра ќе поддржи 15 компании

На третиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, кој ќе биде отворен утре, ќе бидат обезбедени 450.000 евра, а се планира да се поддржат 15 претпријатија.

Директорката на фондот, Јасмина Поповска, посочи дека сите заинтересирани компании подетални информации може да добијат во седиштето на фондот, на интернет-страницата, како и во новата контакт-канцеларија на фондот, која е отворена на улицата Димитрие Чуповски во Скопје.

– Она што ќе го поддржуваме и оваа година се претпријатија кои постојат најмногу шест години, кои се микро, мали или средни и имаат иновативен проект. Треба да се посвети особено внимание на степенот на иновативност на проектите, на пазарниот потенцијал, дали се наменети за извоз или за националниот пазар, на капацитетот на тимот, на квалитетот на проектот и на финансиските проекции – истака Поповска.