Свет Балкан Флекенштајн: Само на слабаците им се потребни приказните за Сорос!

Флекенштајн: Само на слабаците им се потребни приказните за Сорос!

Европратеникот и специјален известувач за Албанија, Кнут Флекенштајн, денеска повторно ја повика Демократската партија (ДП) да го прекине бојкотот и да не ја блокира работата на парламентот.

Флекенштајн на прес-конференција изјави дека изборите се важни за почетокот на преговорите со ЕУ и оти ДП треба да престане со „приказните за Сорос“.

Тој истакна дека има голема почит за Сали Бериша (поранешен лидер на ДП, премиер и претседател), но побара од него „да престане да раскажува приказни за Сорос“, бидејќи слушнал дека такви приказни се шират и во Македонија. Тој истакна дека, од искуство, „само на слабите им се потребни такви приказни, а „колку што тој знае, Бериша не е слабак“.

Тој истакна дека институциите на ЕУ не сметаат дека е исправен бојкотот на парламентот, особено зашто електоратот гласал пратениците да ги застапуваат нивните интереси.

Бериша претходно изјави дека Сорос корумпирал неколку институции во Албанија. Во однос на коментарите на Флекенштајн, тој рече дека се неосновани и оти тој го осудил дејствувањето на Сорос во Албанија врз база на одамна објавени документи.