Главна секција Филипче најави скрининг на населението во Дебар за да се процени стекнатиот...

Филипче најави скрининг на населението во Дебар за да се процени стекнатиот имунитет на корона вирусот

Венко Филипче | Фото: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека во Дебар ќе се направи скриниг на 20 до 30 отсто од вкупниот број на население за да се процени имунитетот на граѓаните, што ќе даде насоки за тоа, што може да се очекува на ниво на цела држава.

Тој рече дека донацијата од 20.000 тестови ќе овозможи анализа на создадените антитела кај граѓаните, имајќи предвид дека поради преземените рестриктивни мерки, ограничени движења веќе десетина дена во Дебар нема новозаболени, а заболените се на добар пат да оздрават.

Филипче информираше дека неделава во функција ќе бидат ставени две дополнителни лаборатории во МАНУ и Институтот за судска медицина и се планира таму да се извршат анализи на тестовите кои доаѓаат од градовите надвор од Скопје. На тој начин, додаде тој, ќе се избегне долгото чекање на резултати, бидејќи лабораторијата во Институтот за јавно здравје е оптоварена. Кога ќе се реорганизира работата на овие две лаборатории, Филипче очекува резултатите да се добиваат за 24 часа, а капцитетот ќе биде изработка на 50 до 100 тестови.

Во однос на крајот на рестриктивните мерки, министерот за здравство рече дека сега се размислува како ќе се организира животот, бидејќи нема да може целосно се да се врати во нормала.

„Доколку по укинувањето на мерките начинот на функционирање остане ист, постои исклучителен ризик од нагло зголемување на бројот на заболени, а сега со мерките тој врв сега се амортизира,“ додаде Филипче.