Главна секција Филипче: Ако се почитуваат протоколите ризикот е минимален, а децата се безбедни...

Филипче: Ако се почитуваат протоколите ризикот е минимален, а децата се безбедни на училиште

Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Венко Филипче, коментирајќи го нискиот број на заболени во училиштата по почетокот на учебната година со физичко присуство денеска посочи дека ако се почитуваат сите правила ризикот е минимален, а децата се безбедни.

„Овие бројки кои сега ги имаме укажуваат на тоа дека е мал бројот на ученици кои се заболени со ковид-19. До петокот имало две деца заболени во две училишта кои имале мал број на контакти. Денеска имаме уште двајца позитивни ученици, едно дете од Велес и уште едно од Скопје. Засега не гледаме дека училиштата се ризик“, изјави Филипче.

Тој потоа потсети дека во среда завршува препораката за онлајн настава во Кичево и во Струга.

„Овие трендови на намалување на бројките продолжуваат, се намалува и бројот на прегледи во болниците. Сите параметри кои ги следиме укажуваат на тоа дека ситуацијата спласнува во овој период. Засега не гледаме дека училиштата се ризик“, оцени министерот.

Тој информираше дека анализите покажуваат дека добро се одвива процесот на вакцинација и расте опфатот со вакцини на повозрасните категории на граѓани.

„Вкупно 53 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се вакцинирани. Затоа сега ставаме акцент на помладите, меѓу кои се шири вирусот. Докажано е дека вакцината е безбедна, тоа е еден од дополнителните начини да се спречи ширењето на вирусот.
И за младите важи правилото дека само со вакцинација може да се врати животот во нормала“, рече Филипче.

Во однос на третата доза вакцина за оние што се целосно вакцинирани тој посочи дека препораката е да поминат шест месеци од втората доза за да се прими трета доза.

„Студиите покажуваат дека ќе се препорача бустер доза за сите граѓани. Но, официјални препораки сè уште очекуваме. Единствено нешто што укажува на тоа дека е потребна бустер доза и дека не треба да се прави разлика која е првата вакцина, е компанијата „Фајзер“. Таа се користи без оглед на тоа кои се првите примени вакцини“, рече Филипче.

Изјава за медиумите даде и студентот на Медицинскиот факултет, Ернес Никочевиќ.

„Оваа моја порака сакам да ја упатам до сите млади луѓе во државата, да покажеме висок степен свест и на совесност и одговорност кога станува збор за јавното здравје, да не дозволиме да се преплават здравствените капацитети и да се заштитиме“, рече тој.

Од почетокот на пандемијата во март 2020 година до сега во земјава се регистрирани над 180.000 заболени од ковид-19, а починаа повеќе од 6.000 лица. Од почетокот на вакцинацијата, пак, две дози на вакција против ковид-19 имаат примено повеќе од 550.000 лица. Но, процентот на вакцинација со барем една доза на лицата од 18 до 39 години е само 29 проценти.