Спорт ФА ја суспендира поддршката за Платини за претседател на ФИФА

ФА ја суспендира поддршката за Платини за претседател на ФИФА

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) соопшти дека ја суспендира поддршката за претседателот на УЕФА, Мишел Платини, во неговиот обид да стане претседател на Светската фудбалска организација (ФИФА), пренесува „Би-Би-Си“.

Против претседателот на УЕФА во моментот се води истрага поради 1,35 милиони фунти или околу 1,8 милиони евра што Платини во 2011 година ги примил од актуелниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, кој, исто така, е под истрага за корупција.

Англиската фудбалска асоцијација одлуката ја донела по состанокот со УЕФА, одржана вчера.

На состанокот, претставниците на ФА од адвокатите на Платини добиле повеќе информации за важни прашања во врска со случајoт.

„Ни беше укажано дека овие информации се доверливи и затоа не би можеле да соопштиме детали во врска со нив. Како резултат на добиените информации, одборот на ФА утрово одлучи дека мора да ја суспендира поддршката за кандидатурата на Платини за претседател на ФИФА сè додека правниот процес не биде завршен и работите не се расчистат“, стои во соопштението на ФА, пренесува „Би-Би-Си“.

Платини, Блатер и генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке, во моментот ја издржуваат тримесечната суспензија што минатата недела им ја одреди Комитетот за етика на ФИФА.

Фудбалската асоцијација на Англија е формирана во 1863 и е најстарата фудбалска асоцијација во светот. ФА е членка на УЕФА и на ФИФА, како и постојан член на одборот на Интернационалната фудбалска асоцијација (ИФАБ), која е одговорна за правилата на игра.