Свет Балкан Европскиот парламент со мнозинство гласови го поддржа пристапот на Хрватска во еврозоната

Европскиот парламент со мнозинство гласови го поддржа пристапот на Хрватска во еврозоната

Загреб, Хрватска | Фото: strgars from Pixabay

Европратениците денес со мнозинство гласови дадоа позитивно мислење за кандидатурата на Хрватска да стане најновата членка на еврозоната од 1 јануари 2023 година.

Парламентот со 539 гласа „за“, 45 гласа „против“ и 48 воздржани, го усвои извештајот на Зигфрид Мурешан (ЕПП, РО) во кој се наведува дека Хрватска ги исполнува сите критериуми за усвојување на еврото на 1 јануари 2023 година.

Во извештајот се забележува дека, и покрај оценката за подготвеноста на Хрватска која се одвива во позадината на пандемијата ковид-19, високата инфлација и руската војна против Украина, Хрватска продолжува да биде подготвена да го примени еврото.

Европратениците, исто така, наведуваат дека Хрватска веќе има повисоко ниво на конвергенција на цените со еврозоната во споредба со другите земји-членки при нивното прифаќање на еврото. Сепак, Парламентот очекува постојани напори од хрватската влада да обезбеди понатамошна конвергенција на цените и дека воведувањето на еврото нема да доведе до вештачки зголемувања на цените.

„Реформите што ги презеде хрватската влада во последните години ја зајакнаа економијата и го отворија патот за приклучување на Хрватска во заедничката валута. Јасно е дека да се стане членка на еврото е вистинската одлука за земјата, нејзините бизниси и граѓани, како и за различни сектори од нејзината економија, како што е туризмот“, рече известувачот Зигфрид Мурешан (ЕПП, РО)

Тој истакна дека Хрватска која стана 20-та членка на еврозоната ја покажува одржливоста и довербата заедничката валута на Европската унија.

Претседавачот на работната група за еврото на ЕП, Маргарида Маркес (S&D, PT), рече дека пристапувањето на Хрватска во единствената валута во 2023 година е првиот значаен процес на европска интеграција по Брегзит и означува натамошно проширување на еврото на Балканот.

„Кога европските вредности се оспорувани на нашите граници, ова е јасен знак за единство, понатамошна интеграција и придонес за јачината на еврото како глобална валута. Усвојувањето на еврото од страна на Хрватска покажува дека единствената валута е стимулативен и солиден проект кој гарантира поголема безбедност и стабилност за граѓаните“, рече Маркес.

Изгласаното мислење на Европскиот парламент во Стразбур ќе биде проследено до земјите-членки на еврозоната кои се одговорни да дадат конечна дозвола Хрватска да го усвои еврото.