Свет Европа Европската комисија предлага јавен пристап до податоците за мултинационални компании

Европската комисија предлага јавен пристап до податоците за мултинационални компании

Европскиот комесар за финансии, Пјер Московиси, денеска изјави дека Европската комисија во април ќе предложи, финансиските податоци на мултинационалните компании во земјите на Европската унија да станат достапни за јавноста.

– Секоја мултинационална компанија треба да ги објавува своите активности, резултати,  финансиски и сметководствени податоци во секоја земја поединечно – изјави Московиси за радиото „Франс антер“.

Тој истакна дека Организацијата за економска соработка и развој ја одредила нормата што Унијата ќе ја преслика на европско ниво, а подразбира дека сметководствените и финансиските податоци ќе бидат достапни на фискалните управи на поединечни земји на Унијата, што сега не е случај.

Комисијата сега спроведува студија за тоа какви последици би можело да има откривањето на финансиските резултати на мултинационалните компании за јавноста, чијшто заклучок ќе биде подготвен во март.

– Ако тоа влијае врз конкурентноста, а верувам дека нема, ќе ја преземеме иницијативата во април – изјави Московиси.