Свет Европа Европратениците денеска ќе гласаат за резолуцијата за Македонија

Европратениците денеска ќе гласаат за резолуцијата за Македонија

Проблемот за името треба да се реши пред крајот на преговорите за влез на Македонија во ЕУ, оценија синоќа пратениците од Европскиот парламент во Стразбур и побараа од шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, да изнајде нова иницијатива со која ќе се излезе од сегашниот ќор-сокак.

Нотис Мариас, од партијата Независни Грци, која е дел од новата коалициоска влада предводена од СИРИЗА, е еден од последните грчки пратеници што во синоќешната дебата остро се спротистави на потенцијалното почнување преговори со Македонија, сè додека во земјата се користи името „Република Македонија“, кое, според него, е „фалсификување историја“.

Мариас остро реагираше на тоа што Могерини неодамна го употребила уставното име Македнија и побара таа да се „коригира“ и да се придржува до правилата од ОН.

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит, оцени дека евроинтеграциите на Македонија се забавени поради растечката политичка криза во земјата, каде опозицијата ја обвини власта за прислушување и за вршење притисок.

Претседавачот со литванското претседателство со Европската унија, Занда Калнина Лукашевица, вели дека за понатамошниот прогрес на Македонија кон евроинтреграциите ќе биде потребна „силна политичка волја“. Таа истакна дека Советот на Европа во декември оценил дека земјата постигнала „високо ниво на усогласеност“ со законодавството на ЕУ, но дека изразил загриженост за „зголемената политизација“ на државните институции.

Во резолуцијата на Европскиот парламент, чиј нацрт го подготви словенечкиот либерал Иво Вајгл, се истакнува потребата за подобрување на независноста на судство, слободата на медиумите, како и деполитизација на власта на централно и на локално ниво.

Европскиот парламент денеска ќе гласа за резолуцијата за Македонија, која нема обврзувачко дејство за Советот на Европа и за Европската комисија, но мора да биде земена предвид при донесувањето на нивната одлука.