Свет Европа Европа постигна договор за првите правила за надзор на вештачката интелигенција во...

Европа постигна договор за првите правила за надзор на вештачката интелигенција во светот

ЕУ станува првиот континент кој постави јасни правила за употреба на вештачка интелигенција

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Преговарачите на Европската унија во петокот склучија договор за првите сеопфатни правила за вештачка интелигенција во светот, отворајќи го патот за правен надзор на технологијата која треба да го трансформира секојдневниот живот и чија употреба поттикна низа предупредувања за егзистенцијални опасности за човештвото.

Како што јавува Асошиејтед прес, преговарачите од Европскиот парламент и 27-те земји-членки ги надминаа големите разлики, вклучително и за генеративната вештачка интелигенција и полициската употреба на надзорот за препознавање лица, за да потпишат пробен политички договор за Законот за вештачка интелигенција.

„Договор!“ ЕУ станува првиот континент кој постави јасни правила за употреба на вештачка интелигенција“, твитна еврокомесарот Тиери Бретон по постигнувањето на договорот.

Резултатот дојде по маратонски разговори зад затворени врати во текот на неделава, а почетната сесија траеше 22 часа, пред да започне вториот круг во петокот наутро.

Граѓанските организации, пак, новиот договор го примија со резерва и посочија дека ги чекаат техничките детали што ќе треба да се испеглаат во наредните недели. Тие рекоа дека договорот не оди доволно далеку во заштитата на луѓето од штетата предизвикана од системите за вештачка интелигенција.

„Денешниот политички договор го означува почетокот на важната и неопходна техничка работа за клучните детали од Законот за вештачка интелигенција, кои сè уште недостасуваат“, рече Даниел Фридлендер, шеф на европската канцеларија на Здружението за компјутерска и комуникациска индустрија, лоби групација во технолошката индустрија.

ЕУ презеде рано водство во глобалната трка за изготвување заштитни огради за вештачката интелигенција кога го претстави првиот нацрт на својот правилник во 2021 година. Меѓутоа, неодамнешниот бум во генеративната вештачка интелигенција ги натера европските претставници да се обидат да го ажурираат предлогот кој е подготвен да послужи како план за светот.

„Европскиот парламент сепак ќе треба да гласа за актот на почетокот на следната година, но со постигнатиот договор тоа е формалност“, изјави Брандо Бенифеи, италијански пратеник кој ги води преговорите.