Македонија „Еуромакс“ ќе се жали, најавува и меѓународна арбитража за рудникот Иловица

„Еуромакс“ ќе се жали, најавува и меѓународна арбитража за рудникот Иловица

Компанијата „Еуромакс Рисорсис“ ќе се жали на суд на одлуката на владината комисија, откако Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ја потврди одлуката на Министерството за економија да го одбие барањето на ЕЕуримакс“ за дозвола за експлоатација.

Ова преку веб-страницата на компанијата беше соопштено денес на јавноста лично од страна на генералниот директор на „Еуромакс Рисорсис“, Варшан Гокул, само еден ден откако беше обелоденета одлуката на Комисијата и откако од компанијата изјавија дека во овој момент е многу рано да се произнесат за тоа која ќе биде нивната одлука за понатамошните чекори кои ќе бидат превземени.

„Според известието добиено од владината Комисија, нашата компанија има право на жалба пред административен суд во Северна Македонија во рок од 30 дена. Бидејќи сметаме дека имаме силен правен основ, компанијата намерава да вложи жалба“, се вели натаму во соопштението до јавноста на канадската компанија, при што се напоменува дека, доколку сметаат дека е неопходно ќе применат и други правни инструменти, вклучувајќи ја тука и меѓународната арбитража.

Во соопштението од „Еуромакс Рисорсис“, исто така, се наведува дека одлуката на Владата и на второстепената владина комисија ја засега само едната од двете концесии за рудникот Иловица, концесијата број 6, додека пак компанијата сè уште ја има концесијата под реден број 11. Втората концесија, која исто така се наоѓа на просторот каде што требаше да се отвори рудникот Иловица е всушност просторот каде требаше да биде изградено хидројаловиштето.

Од Министерство за економија, во чија надлежност спаѓа обврската да подготви и до Владата да достави предлог-одлука за едностран раскин на Договорот за концесија, денес нема одговор што ќе преземе државата понатаму со овој случај. Оттаму најавија дека министерот за економија, Крешник Бектеши утре ќе ја информира јавноста во врска со случајот Иловица. Во меѓувреме, не спласнува еуфоријата меѓу противниците на изградбата на рудникот во близина на струмичките села Штука и Иловица, кои веќе објавија дека „рудник на смртта“, како што го нарекуваат еколошките здруженија од струмичкиот крај – нема да има.