Свет Европа ЕУ-лидерите договорија помош за бегалците и активирање на пограничната стража

ЕУ-лидерите договорија помош за бегалците и активирање на пограничната стража

На самитот на лидери на земјите-членки на Европската унија утринава во Брисел беа усвоени серија мерки за зајакнување на контролата на надворешните европски граници и за обезбедување дополнителна помош за бегалците надвор од територијата на ЕУ.

– Фокус на денешните разговори беше заштитата на надворешните граници – соопшти претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск, додавајќи дека за отстранување на хаосот на границите е потребен заеднички напор.

Лидерите начелно усвоија формирање на копнена и на поморска европска погранична стража, преку зајакнување на европската служба Фронтекс. Службата до крајот на годинава треба да добие нов мандат и значително зголемен буџет.

Туск рече дека деталите ќе бидат разработени до следниот редовен самит, кој е закажан за 15 октомври.

– Некои теми се контроверзни, но имаме позитивни сигнали дека играта на префрлување на вината е завршена – рече Туск.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, оцени дека самитот минал во многу подобра атмосфера отколку што се очекувало.

Јункер најави дека ЕУ ќе испрати значителна материјална помош за згрижување на бегалците надвор од границите на Унијата, од кои најмалку милијарда долари ќе бидат префрлени на сметката на УНХЦР.

Лидерите, исто така, се договорија до крајот на месецов да испратат експертски тимови во таканаречените жешки зони, каде има голема концентрација на бегалци, за да помогнат при нивната регистрација и да понудат неопходна медицинска и друга нега.

Имајќи предвид дека синоќешниот самит беше вонреден, договорените мерки допрва треба да се формализираат на редовниот самит на ЕУ во октомври.