Македонија ЕУ ги додели наградите за истражувачко новинарство за Западен Балкан и Турција

ЕУ ги додели наградите за истражувачко новинарство за Западен Балкан и Турција

Фото: ССНМ

Европската Унија, на вчерашниот настан кој во рамките на Медиумската конференција за Западен Балкан се одржа во Тирана, ги додели наградите за истражувачко новинарство за Западен Балкан и Турција, меѓу кои и за македонски медиуми.

За најдобра истражувачка сторија, на доделувањето на наградите во Тирана, беше избрана „Софтверот на Рашковски за сообраќајни казни”, на новинарката Ирена Каревска, објавена на „360 степени“.

По откритието на злоупотребите на поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски, беше отворена истрага која резултираше со обвинение и судски процес којшто е во тек.

Втората награда на ЕУ за истражувачко новинарство ја доби Мирослава Бурнс, објавена во „Слободен печат“, за сторијата за родилката Јалдз Веапоска, чии внатрешни органи беа извадени по грешка за време на гинеколошка интервенција, по што беше утврдено дека станува збор за лекарска грешка.

Тимот новинари на ТВ Телма доби трета награда за истражувачка сторија на конкурсот на ЕУ за емисијата за сообраќајни несреќи со жртви и загинати кои завршуваат со условни казни. Истражувањето го реализираа новинарите Снежана Лупевска Созен, Билјана Николовска, Емилија Мисирлиевски и Миомир Серафимовиќ.